Патувачки дневник: Мароко - Пустината (дел 1)



Види претходно: Казабланка

The moment we’ve all been waiting for – пустини, бедуини, камили. Hell yeah!

Ивана и Буце беа госпоѓи дојдени со куфери на ова патување, па хипстерот Јована дојдена со ранец на плеќи носеше облека за сите три дена за сите.

Тргнавме од Маракеш рано сабајле во комбе заедно со 2 шпанки, една виетнамка, еден германец и ние трите. Не очекуваше поприлично напорно патешествие од околу 1200 километри за 3 дена, меѓутоа со оглед на се она што се гледа, тотално вреди. Би сакала некогаш да се вратам и истата тура да ја поминам за 10 дена и да преспијам на секое од местата каде што застанавме. Some day… Иначе овие тури се стандардни туристички тури и би му ги препорачала на секого што оди во Мароко.

Прв стоп – традиционално берберско село. Берберското село е самоодржувачко село каде што селаните сејат, копаат и жнеат се што им е потребно на нив и нивните животни. Од сточна храна за магарињата (не знам дали ви спомнав, ама животиња број еден во Мароко е магаре, ги има по планините, низ полињата, во градовите, во медините, на-се-ка-де) до маслинки, пченки, разни овошја, жито и сл. Германецот нормално беше возбуден, ние – not so much. Имаме и ние села и полиња со пченки. И магариња имаме. Иначе во полињата работат жени. Работа на мажите е да ја пасат и одгледуваат стоката.




Традиционалните берберски куќи се градени од блато помешано со слама. И ништо повеќе. Ни малтер, ни цигли, ни бетон, ништо. Се реновираат секоја година, го поправаат тоа малце што ќе се одрони. Не се плашат да не им се стопи куќата од блато, бидејќи таму нели – малтене не врне. Тие куќи од блато мешано со слама се градени така илјадници години, и се пандан на нашите селски куќи градени од камен – во лето внатре е ладно, во зима внатре е топло. Знаеле нашите предци порано многу добро што е најдобро за нив. Тоа што ние сега градиме куќи и згради од “модерни” материјали па ни треба парно и еркондишн за да загрееме/оладиме, тоа е друг муабет…

Од другата страна на реката – старото село со тврдината, онаму каде што селото се наоѓало порано. А во реката дечиња. На средина на реката камења преку кои треба да газиш за да ја поминеш реката. А стапнеш на 1 камен, ти се фрлаат еден куп деца и те фаќаат за рака и те влечат од камен на камен, и ти бараат после 2-3 евра зошто те пренеле преку реката.



Селото (простете што не се сеќавам како се вика) е локација каде што се снимиле куп познати филмови, како Лоренс од Арабија, Гладијатор…



Низ цело патешествие преовладуваа слични пејзажи како овој на сликата подолу. Голи брда и планини без една тревка на нив и долини низ кои течат мини рекички и бујна вегетација како во тропски предели, и тоа во сезона на монсуни. Границата меѓу зеленото и сивото е како некој со нож да пресекол: До тука ќе растат дрва. Не можев да прекинам да и се воодушевувам на таа контрастна природа.



Откако се изнасликавме, поминавме низ продавниците за сувенири, каде што ни покажаа како цртаат цртежи со природни бои – плавата се добива од индиго, жолтата од шафран, црвената од кна. Откако ќе се нацрта листот се става над пламен, и се поминува хартијата над пламенот неколку пати, зависно од тоа која нијанса на плаво/жолто/црвено сакаш да ја добиеш.

Тргнавме понатаму. Патот почна да води угоре, требаше да ја преминеме целата планина Атлас. Пејзажите беа само да испушташ гласни воздишки, меѓутоа нашите стомаци не ни дозволуваа да се воодушевуваме на голите високи брда. Почнаа кривините, почнавме да пребледуваме, да не правиме муабет меѓу себе. А пријателот возач на комбето си вози, мака нема. Го поминува тој пат два пати неделно. Буце пребледе ко крпа. Јас и Ивана се држевме некако. И кога одеднаш баткава вика: Искачајте да се сликаме, на превојот сме горе, 2500 метри надморска височина. (Може и да беше повеќе, не сум сигурна). Излеговме надвор, цревата и желудникот ни се смирија колку толку. Воздухот редок, ветарот силен. Удривме кадро. Си помислив колку би било кул да скијаш овде, но си ги прибрав мислите одма. Ајде прво да ја видиме пустината, па после прај си бајрам на паметот дека ќе скијаш во Мароко Јована.



Шибаме даље. Откако ги симнавме серпентините и слеговме од другата страна на планината, почнаа пустинските пејзажи. Температурата беше значително потопла, а воздухот значително посув. Сонцето печеше, а ние не се потевме. 40 степени во пустина се еднакви на 25 степени во средина со висока влага.

И сред рамните предпустински пејзажи, одеднаш налетавме на оаза. Не знам дали баш може технички да се нарече оаза, дека уште не бевме влезени во песочниот дел од пустината, меѓутоа глетката беше волшебна. Сред пустинската тепсија од светлокафеава едноличност, проѕирно тиркизно езеро. Едноставно не беше возможно водата да е толку проѕирна и толку тиркизна. Не ни се веруваше што гледаме!



Ако баба лаже, слика не лаже. Тиркизна боја.

Вечерта спиевме во хотели што се наоѓаат во кањонот Todgha Gorge (опростете, не научив ова точно како се изговара). Сцената што Ивана и Буце ја приредија дека хотелот не бил она што им било покажано на сликите во агенцијата е нешто што се доловува само во живо, со мимики, гестикулации, говор на тело и имитирање напнат пискав женски глас по телефон. Затоа ќе го прескокнам целиот тој дел и ќе ве поздравам со една слика од клисурата. Дури Ивана се караше со Мухамед, крај реката Педра седев и уживав во жуборот. Да имав шатор со мене, дур кажеш кускус ќе го имав распослано покрај реката и ќе ги оставев до утредента да се караат за што сме платиле а што сме добиле. Ама немав. Евеншуали се сместивме во хотел. Вечеравме, се позезавме малку уз традиционална берберска музика и си легнавме. Утредента не чекаше пат!



Тоа во позадината е нашиот хотел

CONVERSATION

0 comments:

Back
to top